ЕВРОПСКА УНИЈА
Статус
Унијата нема моќ да пренесува дополнителни овластувања од државите на себе без нивна согласност преку некои идни меѓународни договори. Понатаму, во многу области државите членки се откажаа од релативно малку национален суверенитет, особено во клучните области за националните интереси како што се надворешната политика и одбраната. Оваa уникатна структура значи дека можеби е најдобро на ЕУ да се гледа како на ентитет sui generis.На 29 октомври 2004, европските шефови на држави и влади го потпишаа Договорот за основање Устав за Европа. Тој е ратификуван од некои држави членки и моментално чека ратификација од останатите членки. Сепак, овој процес влезе во криза кога на 29 мај 2005 мнозинството од француските граѓани го отфрлија Уставот преку референдум со 54,7% гласови против. По француското “не” по три дена, на 1 јуни и холандските граѓани го отфрлија Уставот со 61,6% од гласовите против.
Поради тоа, моменталниот и идниот статус на ЕУ продолжува да биде предмет на политички контроверзи, со значително различни гледишта како внатре така и помеѓу државите членки. Оваа дебата доби на интензитет по отфрлањето на Уставот од француските и холандските гласачи.
Преговори за членство во ЕУ
Процесот на пристапување кон ЕУ бара секоја нова земја-членка да ги усвои бројните закони и прописи на ЕУ содржани во законодавството на ЕУ (acquis communautaire). Со критериумите за членство (Копенхагенски критериуми од 1993 и Мадридски критериум од 1995) што треба да ги исполнат земјите-кандидати, Европската унија поттикнува промена и прилагодување на законодавството, политиките и институциите во земјата-кандидат, со цел да се достигнат и да се заштитат вредностите и нормите кои ги има поставено ЕУ.Критериумите за прием на нови земји во ЕУ, кои ги утврдил Европскиот совет на самитот во Копенхаген во јуни 1993 година, се однесуваат на политичките и економските услови што ги налага Договорот за функционирање на ЕУ (Член 49 и принципите наведени во член 6(1) од Консолидираната верзија на Договорот за функционирање на ЕУ (OJ. EU C83/102, 30.03.2010), како и на обврската за транспонирање на европското во националното право на земјата за да може таа да ги преземе обврските што произлегуваат од членството. Овие критериуми што земјата со кандидатски статус треба да ги исполни за време на пристапните преговори за прием во ЕУ, се познати уште и како „Копенхагенски критериуми“, поради самитот каде што за првпат се утврдени. Напредокот на земјата-кандидат во исполнувањето на критериумите за прием го следи Европската комисија, за што доставува годишен извештај до Советот.
За да стане членка на ЕУ, земјата-кандидат мора да исполни три критериуми:
- политички критериуми: стабилност на институциите кои гарантираат демократија, владеење на правото, човекови права и почитување и заштита на малцинствата.
- економски критериуми: постоење функционална пазарна економија, како и капацитет за справување со притисокот на конкуренцијата и пазарните сили кои владеат во Европската унија;
- институционални критериуми: земјите-кандидати мора да го усвојат, применуваат и да го спроведуваат целокупниот пакет на политики и мерки од законодавството на ЕУ (acquis communautaire). Тоа значи способност за преземање на обврските од членството, вклучувајќи придржување кон целите на политичката, економска и монетарна унија. Ова бара и доволен административен капацитет на земјата-кандидат за транспонирање на европското во националното законодавство, за негова примена, и за ефикасно спроведување преку соодветни административни и судски структури.
Мадридскиот критериум од 1995 (Совет на ЕУ, Мадрид, 1995) укажува дека усогласувањето на националното законодавство со европското законодавство само по себе не е доволно, туку неопходно е земјите-кандидати да изградат административни капацитети кои ќе бидат доволни за спроведување на законодавството. Уште повеќе, во случајот на централната банка, постоењето на силен административен капацитет е важна претпоставка во остварувањето целосна независност и капацитет на централната банка, што претставува основно барање на европското законодавство во делот на Економската и монетарна унија. Од земјата-кандидат најпрво се бара во националното право да го транспонира целокупното множество на политики и мерки од законодавството на ЕУ (acquis communautaire). Бидејќи усвојувањето на законодавството на ЕУ (acquis communautaire) не е цел сама за себе, за исполнување на институционалните критериуми од земјата-кандидат се бара да создаде и услови за негова примена и спроведување преку соодветно прилагодување на административните и судските капацитети.
Конечната одлука за отворање на преговорите ја донесува Советот на ЕУ со едногласност на сите земји-членки. Процесот на преговори се состои од неколку фази:
- процесот на скрининг (screening), како прва фаза од процесот на преговори, во којшто Европската Комисија го презентира целокупното законодавство што земјата треба да го транспонира во националното законодавство за секое поглавје одделно. Истовремено, земјата-кандидат ги презентира постигнувањата во делот на усогласувањето со законодавството во секое поединечно поглавје од европското законодавство;
- подготовка на „ Извештај за завршен скрининг (Screening Report)“ од страна на Европската комисија, согласно со наодите од извршениот скрининг, во кој се содржани сите недостатоци во однос на законодавството и административниот капацитет, а кои ќе треба да се пополнат во текот на преговорите;
- Отворање на поглавјата за преговори, по донесена одлука од страна на Советот на ЕУ, при што се повикува земјата-пристапничка да ги претстави преговарачките позиции за секое поглавје одделно. Во текот на преговорите, земјата се обврзува на временски рокови во кои целосно ќе се изврши преостанатото усогласување со европското законодавство. Исто така, постои и лимитирана можност за користење на т.н. транзициски периоди - за определени области може да се побара целосното прилагодување и усогласување да заврши во определен период по зачленувањето во ЕУ (обично се работи за прашања што имаат големи фискални импликации во делот на животната средина). Исто така, отворањето и затворањето на преговорите во одредени поглавја може да бидат условени со поставување на т.н. одредници (benchmarks) кои треба да бидат исполнети.
Преговори на Македонија за членство во ЕУ
Во декември 2005 година, Европскиот совет ѝ доделил на Македонија кандидатски статус. Во октомври 2009 година, Европската комисија дала препорака за започнување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Оваа препорака била повторена во 2010, 2011, 2012, 2013 и во 2014 година. По стекнувањето на статусот земја-кандидат, Македонија воспоставила институционална рамка и ги дефинирала стратешките национални процеси поврзани со процесот на пристапување во ЕУ. Се воспоставиле три стратешки процеси со кои било опфатено усогласувањето на националното законодавство и политики со соодветното европско законодавство и политики, како и динамиката на јакнење на административните капацитети:Од 2006 година, секоја година се подготвуваат Претпристапните економски програми (ПЕП) на Македонија, кои го покриваат идниот тригодишен период. Во овие програми се прикажуваат среднорочното макроекономско и фискално сценарио и се образложуваат проекциите и очекувањата за движењата во разни сфери на економијата за следниот тригодишен период.

No comments:
Post a Comment